Фото: Google

Во ноември минатата година Google најави нешто што тешко кој би поверувал дека е можно, а повеќето очекувавме дека кратко ќе трае поради блокада од страна на Apple. 

Тоа сепак не се случи, па корисниците на Pixel 10 серијата ја добија и уште ја имаат можноста за поврзување со AirDrop системот од Apple, односно ја добијат можноста за директно споделување на датотеки со iPhone корисниците. 

Уште тогаш се виде дека планот на Google не е да ја остави оваа функција само за корисниците на најновата Pixel серија, преку нејзино додавање како Quick Share екстензија. 

Сега, од Android Authority истакнуваат дека од Google имаат потврдено дека оваа функција ќе биде пуштена и за другите, па повеќето корисници на Android можат да очекуваат дека веќе нема да имаат проблем при споделувањето на датотеки со нивните пријатели кои имаат iPhone. 

„Минатата година ја лансиравме интероперабилноста со AirDrop. Во 2026 година, ќе ја прошириме на многу повеќе уреди“. – изјави Ерик Кеј, потпретседател за инженерство на Android платформата, на настан во Тајпеј на кого имаат присуствувано од Android Authority. 

„Потрошивме многу време и енергија за да се осигураме дека можеме да изградиме нешто што е компатибилно не само со iPhone, туку и со iPad и MacBook. Сега кога го докажавме тоа, работиме со нашите партнери за да го прошириме во остатокот од екосистемот и наскоро треба да видите некои возбудливи најави“, додаде тој.

Јасно е дека нема точна најава за кога може да се очекува оваа функција да стане достапна кај повеќето уреди, но мислам дека тоа ќе биде оваа година. 

Apple засега не реагираат на ова, но јасно е дека можноста да се споделат датотеки, не е се што нуди AirDrop функцијата, па корисниците на iPhone сепак остануваат со одредени предности.