Фото: Apple

Марк Гурман во ноември минатата година најави дека Apple не планираат да додаваат многу нови функции во наредната верзија од iOS, односно iOS 27, па планот ќе биде „чистење“ на кодот од грешки. 

Во најновиот неделен билтен тој повторно го истакнува ова, односно треба да биде прилично сигурно дека после поголемата надградба со iOS 26 и новиот Liquid Glass дизајн, iOS 27 нема да донесе нови функции, покрај можеби мали промени. 

Овој пат Гурман истакнува дека работата на кодот ќе вклучува тргање на стари делови, средување на грешки, односно доволно промени кои ќе придонесат кон доста побрза работа на системот, а со тоа и подолго траење на батеријата на iPhone. 

Тој исто така најавува и мали промени кај Liquid Glass дизајнот, но ништо драстично како што беше неговото претставување минатата година. 

Секако, тука е и главната новина која се очекува кај iOS 27, а тоа е конечното донесување на понапредната верзија од Siri, која од септември треба да има и можност за функционирање како „четбот“. 

Ќе видиме во месеците што следат кои функции од Siri ќе бидат презентирани, а првично најавената надградба која требаше да дојде со iOS 18.4, па сега со iOS 26.4, изгледа пак ќе има одложување, но рокот за пуштање на новите функции останува за оваа година.