Chrome OS е одличен оперативен систем кој во главно се користи во образованието и слични области, каде не се потребни силни и скапи карактеристики на компјутерите. Овој оперативен функционира во главно од „облакот“, па поради тоа може да работи на доста слаби уреди.

За да се проба Chrome OS потребно е да се купи Chromebook лаптоп или да се инсталира на PC, процес кој може да не е доволно едноставен за сите корисници. Тука се и алатките како CloudReady, компанија која ја купија од Google, па нејзината верзија од Chrome OS е преименувана во Chrome OS Flex.

Во основа, Chrome OS Flex е наменет да се инсталира на постарите PC или Mac компјутери кои корисниците веќе не ги користат поради слабите перформанси, како и за инсталација чисто да се проба системот.

Инсталацијата се прави едноставно, преку креирање на USB, по што процесот би бил едноставен за тие кои досега имаат инсталирано Windows или Linux. Инсталацијата целосно го заменува инсталираниот оперативен систем и тој уред може да се каже дека станува Chromebook.

Ова претставува одлична алтернатива за корисниците кои досега инсталираа некоја од многуте Linux дистрибуции, па сега имаат уште еден избор.

Тоа што корисниците сепак не треба да го очекуваат со Chrome OS Flex е достапноста на Android апликации, една од најдобрите понови функции на Chrome OS. Сепак, може да се добие претстава како е да се функционира во главно од интернет прелистувач, со оперативен систем кој и не троши многу ресурси за други работи.

Google го промовира Chrome OS Flex и како погоден за компаниите, од безбедноста која не бара антивирусен софтвер, до можностите за администрирање од еден центар.

Доколку веќе имате инсталирано оперативни системи и сакате да го пробате Chrome OS Flex, истото можете да го направите преку оваа страна од Google.

Google има листа на компјутери кои се сметаат за компатибилни за инсталација, а за секој од нив истакнува дали може да се очекуваат одредени проблеми, затоа што сепак Chrome OS Flex уште не е во својата финална верзија која може да се препорача на сите.

ИЗВОРPC World
Претходна статијаЧетири членови на „Макпетрол“ викендов ќе се натпреваруваат на Светската карате-лига
Следна статијаWindows 11 ја доби најавената надградба за овој месец со подобрувања кај „таксбарот“ и нова Media Player апликација
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.