Марк Гурман, редовниот и одличен извор за информации од Apple, на почетокот од годината најави дека iOS 17 нема да биде некоја посебно голема надградба, па се што треба да се очекува е подобрување на перформансите, исправка на „багови“ и слични подобрувања.
Како причина за ова беше истакнато вниманието кое од компанијата го имаат насочено кон развојот на нивниот прв уред за проширена и виртуелна реалност, уред кој според сите досегашни информации, ќе го видиме за првпат во јуни на WWDC конференцијата.
Во најновиот билтен од Гурман, тој истакнува дека плановите во Apple се имаат променето, па iOS 17 сепак ќе добие нови функции. Тие нема да бидат во категоријата на новиот „заклучен екран“ од iOS 16, но сепак ќе бидат неколку од најбараните од страна на корисниците.
За жал, тој не наведува кои се тие најбарани функции, односно што може да се очекува, но кога ќе се земат во предвид некои од малите „недостатоци“ кои ги има iOS во споредба со Android, може да се очекуваат некои новини во тој правец на веќе постојните функции.
iOS 17 ќе биде претставен во јуни на WWDC, како што е практиката секоја година, а нешто подоцна ќе биде достапна и бета верзија за сите корисници.