Исто како што беше случајот со претставувањето на Mac OS X Snow Leopard во 2009, после поголемата надградба со Mac OS X Leopard во 2007, Apple идната година ќе се насочи кон исправка на грешки и подобрување на перформансите со iOS 27 и другите системи.
Ова го тврди Марк Гурман во неговиот најнов неделен билтен, а како единствена поголема нова функција која може да се очекува е секако вештачката интелигенција.
Тоа кратко кажано значи дека iOS 27 и другите идната година ќе донесат поголемо подобрување на перформансите и функции со вештачка интелигенција.
Програмерите веќе работат на откривање на грешки, непотребен код и софтвер и слично, па идната година може да се очекува доста добра надградба со претставувањето на iOS 27, iPadOS 27, macOS 27 и другите системи од компанијата.
Гурман со право истакнува дека конкуренцијата на пазарот не остави многу простор за чекање изминатите години, па од Apple морале да работат и на повеќе нови функции. Сепак идната година конечно ќе може да донесе и средување на цел тој код од изминатите години.
Голем фактор во можноста да се работи на исправка на грешки е што конечно од компанијата ќе се приклучат на трендот на воведување функции со вештачка интелигенција, па идната година другите функции ќе можат малку да „одморат“.
Новите функции со вештачка интелигенција прво ќе ги видиме со новата верзија од Siri во пролет со претставувањето на iOS 26.4, а со iOS 27 може да се очекуваат и дополнителни новини, како пребарувач со ВИ, интеграција во дополнителни апликации и слично.
Гурман веќе истакна дека Apple имаат договорено соработка со Google за развој на посебна верзија од Gemini јазичните модели кои би функционирале од серверите на Apple. Овие јазични модели треба да се користат заедно со моделите од Apple, а сепак долгорочната цел е да се користат само моделите развиени во компанијата.













































