Get Windows 10 е апликација која што на сите компатибилни компјутери беше инсталирана преку Windows Update. За повеќето корисници, достапна за да им досадува, оваа апликација во основа е наменета да го провери компјутерот за компатибилноста со Windows 10, начинот за инсталација и слично, но и редовно да ги потсетува корисниците.
Да потсетиме, апликацијата треба да се појави кај сите корисници на лиценциран Windows 7 или понов, верзии од оперативниот систем за коишто следува бесплатната надградба на Windows 10 до крајот на јули оваа година.
Појавата на оваа апликација предизвика одреден број на негативни реакции кај корисниците, но и технолошката јавност. Поради желбата што повеќе корисници да го инсталираат нивниот нов оперативен систем, од Microsoft гледаат што можат почесто и на повеќе начини да ги „мотивираат“ корисниците да ја искористат бесплатната понуда.
Почнувајќи од овој месец во САД, а во остатокот од светот брзо потоа, Get Windows 10 апликацијата (GWX) ќе стане достапна и ќе почне да „им досадува“ и на бизнис корисниците, односно тие коишто не користат некоја од Enterprise верзиите од Windows за кои што не следува надградбата.
Ова значи дека и корисниците кои што се поврзани на корпоративната мрежа преку домејн, а ги добиваат надградбите директно од Windows Update, односно не преку Windows Server Update Services или System Center Configuration Manager, ќе почнат да ја гледаат GWX апликацијата.
Овој пат од Microsoft решија сепак да им овозможат на корисниците, а поточно на ИТ администраторите, начин како да го спречат надградувањето на Windows 10, но и да ја тргнат GWX апликацијата од таскбарот на корисниците.
Ова ќе овозможи од една страна обичните корисници кои не сакаат да надградат, да ја тргнат апликацијата, додека администраторите да се осигураат дека вработените нема по грешка да го започнат процесот.
Блокирањето на надградбата, односно тргањето на GWX апликацијата може да се направи преку вклучување на новата можност „Turn off the upgrade to the latest version of Windows through Windows Update“ во Group Policy, односно преку промена на внес во регистарот.
За да им бидат достапни овие можности на корисниците, тие треба да ги имаат инсталирано сите достапни надградби на нивниот систем, поточно 3065987 за Windows 7 и Server 2008, односно 3065988 за Windows 8.1 и Server 2012.
Детални инструкции за исклучување на надградбите, односно GWX апликацијата можете да најдете на следната страна.