Како што можеше да се види од новогодишната објава од страна на директорот на Microsoft, Сатја Надела, преку неговиот нов блог, од компанијата не планираат да ги послушаат негативните реакции и ќе продолжат со интеграција на Copilot секаде каде што треба и не треба. 

Според најновите неофицијални информации, Copilot ќе биде интегриран директно во File Explorer. Нема подетални информации за оваа интеграција, а до истата е дојдено преку разгледување на кодот на ново копче кое засега нема никаква функција во најновите тест верзии од Windows 11. 

За разлика од доста други примери на интеграција на Copilot, оваа има доста логика и може да донесе доста корисни функции за корисниците. 

Проблемот сепак е што Microsoft покажа дека уште од појавата на генеративната вештачка интелигенција и големите јазични модели, имаат за цел да ја интегрираат оваа функција секаде, до ниво на наметнување, нешто што е карактеристично за нив со децении. 

Засега не е познато како точно ќе функционира Copilot во File Explorer, освен тоа дека се очекува да биде вграден во апликацијата, наместо само да ја отвора Copilot апликацијата како копчето кое сега е достапно кога ќе се притисне со десен клик на некоја датотека. 

Се очекува дека Copilot ќе се отвора директно во File Explorer, на пример како посебна лента од десната страна, па корисниците ќе можат веднаш да завршат одредени работи. 

Не е познато ни дали функционирањето ќе биде локално или преку „облакот“, нешто што е важно како информација кога се дава пристап до датотеките кои може да содржат лични и важни информации. 

Ќе мора да почекаме да видиме кога и дали воопшто оваа новина ќе биде официјално пуштена, па ќе може поконкретно да коментираме.