По добредојдениот редизајн на File Explorer изминатите години, нешто што се случи во неколку фази, сега може да се каже дека прерасна во непотребно „комплицирана“ апликација.
Ова е типично за Microsoft, па ова не е единствениот пример на наметнување на различни непотребни функции кај нивните производи.
Во најновата тест верзија од Windows 11 во Dev и Beta каналите, од компанијата најавуваат мали промени кои треба барем до некаде да го подобрат корисничкото искуство.
Контекст менито, односно менито кое се појавува кога ќе се притисне со десното копче од глувчето на некоја датотека, дефинитивно има премногу опции. Тие сега барем ќе бидат организирани во подменија, па истото нема да биде толку големо и преполнето на прв поглед.
На пример, опциите „ZIP File“, „Copy as Path“, „Set as Desktop Background“, „Rotate Right“ и „Rotate Left“ ќе бидат поставени во ново мени наречено „Manage file“.
Дополнително, File Explorer апликацијата ќе почне да функционира во позадина без разлика дали корисникот ја има вклучено, односно истата ќе почне со „preloading“. Ова е позната практика за побрзо вклучување на апликациите, па истата треба значително побрзо да се вклучува, а посебно кај нешто послабите компјутери.
Оваа новина може да се очекува во месеците што следат, со некоја од наредните надградби со нови функции за Windows 11.














































