Фото: Shutterstock.com

Microsoft потврди дека планира да се фокусира на развој на целосно матични (native) апликации за Windows 11, согледувајќи дека прекумерното потпирање на веб апликациите негативно влијае на корисничкото искуство. 

За оваа намена, компанијата составува нов специјализиран тим кој ќе работи на создавање софтвер кој не зависи од веб базирани компоненти. Овој чекор е директен одговор на континуираните критики од корисниците во врска со стабилноста и брзината на оперативниот систем и квалитетот на апликациите. 

Иницијативата ја предводи Руди Хјун, партнер архитект во Microsoft кој претходно има работено на дигиталната продавница и на File Explorer. Тој јавно објави дека формира нов тим посветен исклучиво на градење подобри Windows апликации. 

Притоа, Хјун категорично ја отфрли можноста овие решенија да бидат базирани на технологијата за прогресивни веб апликации (PWA), нагласувајќи дека новите апликации ќе бидат стопроцентно матични. 

Тоа подразбира дека развојот ќе се базира директно на рамката WinUI, без вчитување на корисничкиот интерфејс преку WebView.

Во моментов, значителен дел од интерфејсот на Windows 11 се потпира на хибриден пристап, користејќи технологии како WebView2 и React дури и за основни елементи како Start менито. Иако ова на програмерите им нуди флексибилност, во пракса резултира со повисока потрошувачка на работната меморија и забележливо доцнење при интеракцијата. 

Враќањето кон матичните технологии се очекува да ги елиминира овие проблеми, овозможувајќи побрзо стартување и значително помало оптоварување на хардверот.

Оваа транзиција е дел од поширокиот план на компанијата за 2026 година за системска оптимизација на Windows 11. Покрај креирањето на нови матични апликации, Microsoft веќе работи на префрлање на клучните системски менија од React назад на WinUI со цел да се намали латенцијата. 

Иако сè уште не е прецизирано кои точно нови апликации ќе бидат претставени од новиот тим, промената на курсот укажува на сериозна намера да се врати фокусот кон техничката оптимизација на платформата.

Интересно е што Microsoft развива матични апликации за macOS, кои според многу тие изгледаат и работат многу подобро од тие на Windows.