Microsoft, иако до некаде бавно, изминатите години ги префрла прилагодувањата и алатките од стариот Control Panel, во новата Settings апликација, така да ја наречеме. Наредна од тие алатки кој ќе добие своја модерна верзија достапна преку Settings, е алатката Disk Partition Management.
Иако ја врши потребната работа во целост, сепак непроменета одамна и со застарен кориснички интерфејс, Disk Partition Management Tool многу ретко се користи од страна на корисниците кои се решаваат за некои од големиот избор на апликации за таа намена.
Новата верзија од Disk Partition Management Tool, сега сместена во Settings и наречена Manage Disks and Volumes, им е достапна на корисниците на Dev каналот на Windows Insider програмата. Тоа значи дека оваа новина не е планирана за наредната верзија од Windows 10, па може да биде имплементирана во било кое време во иднина.
Новата алатка поради тоа што е дел од Settings, го има тој препознатлив кориснички интерфејс, кој според нас не секогаш е погоден за вакви прилагодувања, па Manage Disks and Volumes некако делува едноставно.
Моменталната верзија ги нема сите функции достапни вo Disk Partition Management Tool, па се очекува тие во иднина постепено да бидат воведувани, односно до официјалното пуштање за сите корисници.
Инаку, ваквите алатки се користат за менаџирање на дискот или повеќе дискови кои се поврзани на компјутерот, нивна поделба на партиции, избор и промена на големина на тие партиции и слично.
Во оваа верзија може да се промени големината на партициите, да се промени нивното име, но уште не е достапна можноста за нивно форматирање, бришење и слично.