Microsoft вчера ја пушти најновата тест верзија од Windows 11 за корисниците кои можат да го користат новиот оперативен систем преку Windows Insider програмата. Новата верзија е достапна за двата канали од програмата, односно dev и beta.
Сепак, корисниците на dev каналот ќе добијат нешто повеќе новини, иако верзијата од Windows 11 е истата. Поточно, овие корисници ќе добијат редизајн на неколку од апликациите кои се од Microsoft, а тоа во месеците што следат до официјалното пуштање на Windows 11 ќе го добијат сите апликации.
За почеток редизајн во стилот на Windows 11 добиваат три апликации, односно Snipping Tool, Calculator и Mail & Calendar.
Веќе одреден период на Windows се достапни две алатки за правење на слики од екранот, односно screenshots. Snipping Tool е постарата алатка која не е ажурирана одамна, а тука е и поновата Snip & Sketch која требаше да ја замени постарата.

Во Windows 11 ќе биде достапна една апликација, а таа ќе го носи името на постарата, односно Snipping Tool. Со најновата тест верзија оваа апликација добива надградба со функциите кои беа достапни во Snip & Sketch, како на пример кратенката за отворање Windows logo key + Shift + S.
Оваа апликација исто така добива нешто повеќе можности за измена на сликата, а достапна е и поддршка за темна тема.

Calculator исто така е нова апликација, иако во изгледот не можат да се забележат некои конкретни измени. Се работи за мала промена, а главната промена е во програмскиот јазик во кој е направена апликација, а тој сега е C#.
Mail & Calendar исто така добива одредено освежување, како заоблени агли, освежени делови од корисничкиот интерфејс, како и одредени промени на елементите.
Кај оваа апликација можеби и не треба да се очекуваат поголеми промени со оглед на тоа дека е најавена унификација на Outlook апликациите, после што Mail & Calendar не би требало да постои.