Фото: Microsoft

Microsoft прави интересен чекор напред во насока на подобрување на корисничкото искуство за оние кои претпочитаат минималистички и брз пристап до софтверот, а посебно програмерите.

Наместо вообичаеното отворање на Microsoft Store и чекањето да се вчитаат сите графички елементи, корисниците на Windows 11 сега можат да ги инсталираат своите омилени алатки преку едноставни текстуални наредби. 

Ова значи дека Microsoft Store и сите достапни апликации од оваа продавница, стануваат достапни преку командната линија (CLI), односно преку „терминалот“. Оваа новина е дел од повеќе новини кои станаа или ќе станат дел од Windows 11 со посебно внимание на корисниците кои се програмери и администратори.  

Новиот пристап овозможува директна комуникација со базата на податоци на Microsoft Store, што значи дека секое ажурирање или нова инсталација се одвива многу побрзо и со помала потрошувачка на системски ресурси.

Со внесување на специфична команда, системот автоматски го пронаоѓа софтверот, ја проверува неговата автентичност и го поставува во системот без дополнителни дијалог прозорци.

За администраторите и напредните ентузијасти, оваа промена значи многу повеќе од обична кратенка. Моќта на командната линија лежи во нејзината способност за автоматизација, каде што еден корисник може да подготви скрипта што автоматски ќе ги инсталира сите неопходни апликации на нов компјутер за само неколку минути. 

Windows уште во 2020 доби слична алатка на оваа, која овозможува инсталација на апликациите и кои не се достапни во Microsoft Store. Се работи за „WinGet“ функцијата, па корисниците сега имаат дополнителен избор од каде би сакале да ги инсталираат апликациите кога тоа го прават преку командната линија. 

Претходна статијаGoogle го донесе YouTube на Vision Pro од Apple
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.