Microsoft тестира мала, но доста корисна новина за бизнис корисниците, на кои ќе им овозможи нивните закажани Microsoft Teams состаноци да се прикажуваат во Старт менито.
Состаноците ќе се прикажуваат во делот за препорачани апликации, на првото место и со притискањето ќе се отвори Teams апликацијата директно во делот за приклучување на состанокот.
Оваа новина ќе им биде достапна на бизнис корисниците кои се најавени со истата сметка од Teams на нивниот Windows 11 Pro или Enterprise.

Линкот до состанокот ќе се прикажува на 5 минути пред почетокот од состанокот, заедно со останатите предлози за апликации кои нема да бидат тргнати поради оваа промена.
Новината се тестира во Build 23619 верзијата од Windows 11 Insider Preview од dev каналот. Поради тоа не е познато кога може да се очекува за сите корисници, па само јасно е дека ќе треба да се почека од неколку недели, па до неколку месеци.

Во оваа верзија од Windows 11 Microsoft претстави и подобрување на поврзаноста на системот со Android телефонот на корисникот. При секое сликање на слика или слика од екранот, известување ќе се прикаже на Windows 11 преку кое корисникот ќе може да ја измени таа слика, да ја прегледа или да ја сподели.