Phone Link апликацијата, која овозможува поврзување на телефонот на корисникот со Windows 11, е една од подобрите апликации кои ги има претставено Microsoft. Истата ја донесува една од подобрите функции која ја имаат корисниците на macOS, а тоа е поврзаност на платформите.
За жал, Phone Link ќе ја изгуби една од неколкуте функции, поточно таа за прегледување на сликите од телефонот. Оваа можност сега ќе биде префрлена на File Explorer, каде што реално корисниците добиваат доста повеќе можности за работа со датотеките.
За разлика од прегледувањето на сликите преку Phone Link, преку File Explorer корисниците добиваат можност за нивно лесно префрлување, копирање, измена и слично.
Покрај тоа, корисниците добиваат и пристап до сите датотеки од нивниот телефон, а не само до сликите како што е сега случајот со пристапот преку Phone Link.
Сепак, од Microsoft, кои не сакаат дуплирање на функциите, не земаат во предвид една работа, а тоа е дека Phone Link овозможува брз и едноставен пристап до најновите слики од телефонот.
Иако File Explorer овозможува повеќе функции, корисниците сега ќе мора да ги бараат папките и слично за да дојдат до најновите слики, нешто што преку Phone Link се прави доста едноставно.
Промената моментално се најавува преку известување во самата апликација, што значи дека наскоро може да се очекува тргање на функцијата од Phone Link.
















