Microsoft неколку пати досега го прикажа новото Старт мени на Windows 10, но до пуштањето во Dev каналот од Insider програмата, немавме претстава дали воопшто активно се работи на негово имплементирање оваа година.
Новото мени стана дел од Dev „верзијата“ од Windows 10 на почетокот од овој месец, а сега е пуштено и за корисниците на Beta каналот на Insider програмата. Со ова, станува јасно дека новото Старт мени може да го очекуваме во наредната надградба од Windows 10, која треба да биде пуштена за сите корисници до крајот на септември или октомври оваа година. Ова е доколку не дојде до некои промени во плановите, па да дојде до откажување.
Новото Старт мени можат да го пробаат сите корисници кои ќе се вклучат на Beta каналот, кој е доволно стабилен да може да им се препорача на повеќето кои сакаат порано да ги добијат новините, но сепак да користат прилично стабилна верзија од оперативниот систем.
Верзијата од Insider програмата во која е пуштено новото мени е 19042.421, а во оваа верзија доаѓаат и уште неколку новини кои беа дел од Dev верзијата.

Главната разлика, да потсетиме, кај Старт менито, е тргањето на посебната боја зад плочките, која сега е иста со бојата на целото старт мени, а тука е и одредениот степен на проѕирност којшто е присутен низ целиот кориснички интерфејс.
Вака Старт менито многу подобро изгледа, а и полесно се забележуваат иконите од апликациите. Апликациите кои имаат што да прикажат, можат да продолжат да имаат „живи плочки“, што значи дека оваа корисна функција останува, иако имаше најави дека ќе биде откажана.
Оваа верзија од Beta каналот од Insider програмата донесува и подобрување кај известувањата, можност за промена на посебните „табови“ кај Microsoft Edge со ALT+TAB функцијата, дополнителни функции кај Settings апликацијата и повеќе.