Како што беше најавено, од вчера 2-ри август Microsoft започна со пуштање на таканаречената Anniversary Update за корисниците на Windows 10. Се работи за надградба на оперативниот систем која донесува значаен број на новини кои треба да го подобрат корисничкото искуство.
Оваа надградба исто така доаѓа 4 дена по завршувањето на понудата за бесплатна надградба на Windows 10 за корисниците на постарите верзии од системот.
Сепак, не сите корисниците ќе ја добијат надградбата на првиот ден од нејзината достапност. Истата поради можните проблеми ќе биде пуштана постепено, односно сите корисници треба да ја добијат во рок од околу недела дена.
Новините кои најмногу привлекуваат внимание во Anniversary Update ги вклучуваат следните:
- Екстензии за Microsoft Edge
- Подобрувања во Cortana и дополнителни можности за синхронизација на известувања во мобилните телефони
- Подобрување во работата со повеќе десктопи
- Темна тема за изгледот на оперативниот систем
- Интеграција на календарот, односно состаноците во таскбарот
- Linux Bash Shell во Windows
- И повеќе
Надградбата можете да ја инсталирате на повеќе начини. Доколку истата веќе се прикажува како достапна во Windows Update, можете да го надградите својот систем едноставно со прифаќање на истата. Компјутерот ќе биде рестартиран неколку пати, по што ќе ја добиете најновата верзија.
Исто така, доколку сакате да направите чиста инсталација или доколку надградбата се’ уште не е достапна за вас, можете да ја инсталирате користејќи ја Media Creation Tool алатката.
Преку оваа програма се симнува најновата верзија од Windows 10, Anniversary Update е веќе додадена. По симнувањето можете да изберете дали вашиот систем да биде надграден, дали оперативниот систем да биде ставен на USB стикче или да биде креиран ISO фајл.
Од наше искуство, можни се одредени проблеми при надградбата, проблеми кои сепак на крајот ќе мора да бидат решени со правење на чиста инсталација.
Извор: Microsoft, LifeHacker, gHacks