Microsoft оваа недела претстави нова верзија од нивниот Windows 10 оперативен систем, наменета за бизнис корисниците. Наречена Windows 10 Enterprise E3, оваа верзија од оперативниот систем на корисниците ќе им биде достапна преку месечна претплата.
Достапна преку партнерите на Microsoft, Enterprise E3 ќе чини 7 долари месечно за еден корисник. Со ова корисниците добиваат уште еден производ кој е достапен преку месечна претплата, покрај Office 365 и Azure.
Од компанијата истакнуваат дека моментално не размислуваат за промена на моделот на наплата на Windows за другите корисници, односно моделот на претплата ќе биде достапен само за компаниите.
Инаку, компаниите на овој начин сепак добиваат одредени предности. Потребни се повеќе години за да со оваа цена стигнат со сумата која би ја платиле одеднаш за лиценца за Windows 10. Исто така, тие добиваат можност да го променат својот оперативен систем знаејќи дека платиле само за дел од него, односно периодот кога го имаат користено.
Можноста Microsoft овој модел да го воведе за обичните корисници сепак делува помалку веројатна. Можеме веднаш да замислиме како се зголемува бројот на корисници на Linux доколку од компанијата донесат ваква одлука.
Корисниците најчесто не го плаќаат директно оперативниот систем, туку го добиваат со нов компјутер, доколку се разбира не користат неофицијална верзија како што е почесто праксата во нашата земја. Дополнителните трошоци по купувањето на компјутерот не е нешто што корисниците би сакале да го имаат.
Како и да е, ќе видиме во периодот што следи дали ќе може да се очекуваат дополнителни промени во моделот на продажба на Windows.
Извор: Microsoft, PCWorld, ExtremeTech