Anniversary Update беше последната поголема надградба на Windows 10 која стана достапна за корисниците на крајот од јули оваа година. Истата стана достапна точно една година по пуштањето на првата верзија од оперативниот систем, па и од таму доаѓа името.
Од Microsoft објаснија во повеќе наврати дека Windows 10 ќе биде последниот Windows, мислејќи на тоа дека ова ќе биде името на оперативниот систем, барем во наредните години. Овој начин на развој на Windows во основа е подобар за корисниците затоа што ќе подразбира почесто надградби, за разлика од порано кога требаше да се чекаат повеќе години за нова верзија, а со тоа и нови функции.
За Windows 10 е најавено дека ќе добива надградби со нови функции секоја година, а најверојатно тоа ќе биде случајот два пати годишно.
Наредната надградба која се очекува да биде прва за идната година моментално се нарекува со кодното име Redstone 2, а за истата може да очекуваме повеќе информации на настанот којшто Microsoft ќе го одржи на 26 октомври.
Информацијата која излезе пред настанот, а е поврзана со тоа кога поточно може да се очекува надградбата, укажува на март 2017. Тоа се гледа од бројката на верзијата до која има дојдено Twitter корисникот WalkingCat, кој е еден од повеќето кои излегуваат со вакви информации.
Верзијата која се гледа ја има бројката 1703, а како што знаеме досега од постојните верзии, оваа бројка ја означува годината и месецот кога станала достапна за јавноста. Така да, од неа јасно се гледа дека наредната верзија од Windows 10 треба да излезе во 2017 година, поточно март.
Извор: The Verge, Windows Central