Фото: Zorin

Zorin OS е оперативен систем направен на основа на Linux, поточно на Ubuntu и е еден Linux системите кои специјално се обидуваат да ги привлечат Windows корисниците. 

Zorin OS 18 дефинитивно може да се стави во таа категорија, а оваа верзија, која стана достапна точно на време кога заврши поддршката за Windows 10, дополнително донесува функции кои треба да ги привлечат Windows корисниците. 

Linux дистрибуциите, не само Zorin OS, стануваат се повеќе популарни кај Windows корисниците. За тоа има три причини. Windows има се повеќе критики, а посебно за приватноста, вградувањето на вештачка интелигенција, како и барањата за карактеристиките на компјутерот. 

Од друга страна, Linux дистрибуциите стануваат се подобри и поедноставни за користење, не само за напредните корисници, а на крајот, достапноста на игри веќе не може да се каже дека е проблем за Linux. 

Од Zorin објавија дека по претставувањето на Zorin OS 18, за нешто повеќе од месец, дена, системот има 1 милиони симнувања. Посебно се истакнува дека 78% од тие симнувања доаѓаат од Windows, па можеби таа бројка може да се земе како доста голем показател за изборот на корисниците, посебно тие на Windows 10, да не се префрлат на Windows 11. 

Секако, од каде е симнат некој систем не може само по себе да се земе како сигурна бројка за префрлени корисници, но дефинитивно ја покажува популарноста на Zorin OS. 

„Уште поохрабрувачки е што над 78% од овие преземања дојдоа од Windows. Овој прилив на нови корисници ја одразува нашата мисија да обезбедиме подобра алтернатива на постоечките оперативни системи за компјутери од големите технолошки компании.“ – истакнаа од Zorin. 

Инаку, Zorin OS е развиван од страна на Zorin OS Technologies, компанија од Даблин, Ирска, а основачи на истата се двајца браќа, Артијом и Кирил Зорин. Покрај тие двајца, на развојот на системот секако работат дополнителни програмери, а приходите доаѓаат од продажбата на Zorin OS Pro верзијата која чини 47,99 евра и донесува дополнителни функции.