Телевизорот кој LG го презентираше на почетокот од минатата година, а го најавува уште од 2018, конечно почнува со официјална продажба, иако за почеток е достапен само во Јужна Кореа.
Ова секако не прави голема разлика затоа што продажната цена му изнесува 75.000 евра, односно 4,6 милиони денари, па и да беше достапен во остатокот од светот, немаше да биде наредниот телевизор кој може да планирате да го купите.
Доколку се тргне цената на страна, LG SIGNATURE OLED R е најверојатно најголемиот новитет кај телевизорите од појавата на LCD и OLED екраните со висока резолуција. Главната карактеристика му е екранот кој е флексибилен и може да се намота во својата основа со што се трга од видното поле на просторијата.
Од LG така и го промовираат, како телевизор со голем екран кој не мора да седи и да го презема погледот во просторијата кога не се користи, односно голем црн екран кој само стои на сред просторијата.

Големината на екранот е 65 инчи и овозможува 4K резолуција, што значи дека корисниците го добиваат најдоброто за гледање на нивната содржина. Основата на телевизорот, во која се намотува екранот, вклучува и звучници.
Екранот може да се намота во повеќе позиции, односно малку за да се тргнат црните ленти на горната и долната страна кај одредени филмови, може да се прикаже малку за да се гледаат само контролите за музика, како и други информации и секако може целосно да се намота и да остане да се гледа само неговата основа.
Корисниците ќе имаат можност да изберат да им биде гравиран текст на алуминиумската основа, а исто така ќе можат да ја изберат и бојата на волнените капаци на звучниците.
Информација за тоа кога овој телевизор би почнал да се продава во други земји, нема, а во Јужна Кореа е достапен во седум продавници. Најверојатно подостапен во светот ќе биде овој телевизор во некоја од наредните генерации, а се надеваме дека ќе се покаже како популарен, па дека LG ќе го продава за цена помала од 5.000 евра за некоја година.