amazon-cloud-unl

Amazon оваа недела претстави нови пакети за својот Cloud Drive сервис за складирање на податоци во облакот. Може да се каже дека ова е типичен пример за тоа како изгледа пазарот кога работи во услови на голема конкуренција. Компаниите константно се натпреваруваат за привлекување на корисниците кај нивниот сервис, па најчесто корисниците се и главните добитници.

Овој потег од страна на Amazon, еден од најголемите cloud провајдери во светот, е директен одговор на другите големи играчи, односно на Dropbox, Google, Microsoft и слични.

Amazon Cloud Drive на корисниците им нуди избор од два пакети. Главната новина и кај двата пакети е неограничениот простор за складирање на податоците. Првиот пакет е наменет за чување на слики во облакот. Корисниците можат да ги качат сите нивни досегашни слики, а исто така неограничениот простор важи и за RAW фајловите од професионалните фото апарати.

Овој пакет вклучува и дополнителни 5GB простор за складирање на други видови на податоци, освен слики.

Цената на овој пакет кој што е наречен Unlimited Photos е 11,99 долари годишно, што изнесува помалку од 1 долар месечно.

Вториот пакет е наречен Unlimited Everything и како што кажува и неговото име е наменет за складирање на сите видови на фајлови. Тоа значи дека корисниците ќе можат да складираат документи, слики, филмови, музика и повеќе.

Цената на овој пакет е 59,99 долари годишно, што е помалку од 5 долари месечно.

За споредба, конкурентите простор од 1TB, што може да се смета за неограничен за 99% од корисниците, го нудат за следните цени:

  • Microsoft OneDrive 1TB – 6,99 долари месечно
  • Dropbox 1TB – 9,99 долари месечно
  • Google Drive 1TB – 9,99 долари месечно

Овие компании исто така нудат можност за неограничен простор, меѓутоа тој е наменет за компаниите и е со повисока цена. Се разбира неограничениот простор е маркетингшки потег. Ретки се корисниците кои што навистина би им требало простор повеќе од 30 TB на пример колку што нуди Google за 299 долари месечно.

Извор: Amazon, Amazon пакети