Во мај оваа година Microsoft веќе го најави редизајнот на нивниот OneDrive сервис кој ќе им стане достапен на бизнисите и образовните институции. Сега од компанијата официјално ја пуштаат оваа нова верзија од сервисот, а истата дефинитивно донесува големи подобрувања на корисничкото искуство.
Очекувано, новата верзија добива голема помош од вештачката интелигенција, а во месеците што следат може да се очекува интеграција на истата преку Copilot функцијата која Microsoft ја стави во сите нивни сервиси.
Новата верзија, со новиот дизајн, покрај тоа што донесува освежени делови на корисничкиот интерфејс, нови бои и слично, донесува целосна реорганизација на сервисот.
На главниот екран корисниците имаат нов дел наречен „For you“, каде автоматски им се прикажуваат датотеките на кои имаат работено. Потоа следи стандардното прикажување на најновите датотеки со можност за филтрирање според видот.

Посебно се истакнуваат новите делови каде може да се гледаат датотеките од состаноците, датотеките од различни луѓе, а тука е и новиот дел за споделени датотеки кој е доста подобрен.
Корисниците добиваат и можност да ги менуваат боите на папките, па кој сака дополнително да го направи овој сервис прилагоден на себе и попријатен за користење.
Доколку сте активен корисник на OneDrive, Microsoft има детална статија каде ги објаснува сите новини кои доаѓаат или се планираат во периодот што следи.