Првично најавено од страна на Bloomberg, сега од YouTube официјално ја претставија нивната пониска претплата за сервисот, Premium Lite. За почеток достапна само во САД, во неделите што следат ќе им биде пуштена и на корисниците каде се тестираше, односно во Тајланд, Германија и Австралија.
За остатокот од светот ќе мора да почекаме, а од YouTube истакнуваат дека во текот на годината ќе го продолжат тестирањето во повеќе земји, но засега не знаеме дали претплатата би била достапна во Македонија.
Што се однесува до „недостатоците“ кои ги донесува пониската претплата, како што очекувавме, истите се поврзани со тоа за што корисникот сака да го користи сервисот.
За тие кои YouTube го користат само за гледање видеа и толку, пониската претплата е одлична. Истата нема да има реклами на повеќето видеа, но ќе ги има на музичките видеа, како и на YouTube Music сервисот.
Исто така, со Premium Lite корисниците ја губат можноста да ги симнуваат видеата на уредот, како и истите да продолжат да се слушаат и со заклучен екран.

Намалувањето на цената во САД е скоро дупло, па од 14 долари месечно за Premium, корисниците ќе треба да плаќаат 8 долари месечно за Premium Lite.
Во нашата земја цената веќе е на ниво на Premium Lite, односно YouTube Premium со сите функции чини 8,5 долари месечно.