Фото: Apple

Во својата редовна неделна објава, Марк Гурман оваа недела пишува за уредите кои може да се очекуваат од Apple веќе во неделите што следат. 

Тој најавува дека доста уреди може да се очекуваат од компанијата оваа година, повеќето надградени верзии, но и такви кои ќе бидат нови или со доста големи нови функции. 

Првиот уред, кој ќе ја започне 2026, според Гурман ќе биде iPhone 17e телефонот, кој оваа година ќе дојде со A19 чипот од iPhone 17, што значи дека корисниците ќе го добијат најновото од аспект на перформансите. 

Овој телефон оваа година ќе ја донесе и MagSafe функцијата, заедно со мрежните чипови од Apple, а цената треба остане истата од минатата година. 

Гурман смета дека Apple со овој телефон ќе ги има за цел корисниците од земјите со послаба економија, земји каде што се популарни поевтините Android уреди. 

Наскоро исто така можеме да ги очекуваме и новите верзии од основниот iPad, заедно со iPad Air. Овие уреди не треба да се очекува дека ќе донесат големи новини, а тука се вклучува и дизајнот, па во основа ќе донесат подобри перформанси со поновите верзии од чиповите. 

Сепак, основниот iPad за првпат ќе добие можност за користење на Apple Intelligence, а оваа година тоа навистина и ќе прави разлика по договорената соработка со Google за Gemini јазичните модели. 

Тоа што ќе биде ново и вредно кај iPad уредите е конечното донесување на OLED технологија кај iPad mini, па овој популарен мал таблет сега ќе стане уште попривлечен за корисниците. 

Наскоро можеме да очекуваме и нови верзии од MacBook Pro, поточно 14 и 16 инчните модели, кои ќе бидат надградени со М5 чипот, а тука е и надградена верзија од Mac Studio. 

Посебно внимание ќе привлече и новата генерација од Studio Display екранот од компанијата, заедно со нова генерација од Mac mini. 

Очигледно станува дека Apple планира надградба на повеќето нивни компјутери, но Гурман истакнува дека посебно внимание ќе привлече претставувањето на првиот поевтин MacBook кој ќе работи со чип од iPhone и кој ќе им конкурира на поевтините Windows компјутери и Chromebook. 

Гурман верува дека овој компјутер ќе има за цел и да ги привлече корисниците кои првпат би купиле Mac компјутер, па таков со пониска цена дефинитивно ќе го привлече вниманието кај повеќе корисници. 

Ако Гурман испадне во право, дефинитивно месеците што следат ќе бидат интересни за фановите на Apple, а кога на тоа ќе се додаде и првата бета верзија од iOS 26.4, во која ќе биде новата верзија од Siri, ќе има што да се чита.