iphone-7-concept-camera-patent-4

Не многу одамна, од Apple тврдеа дека поголем смартфон од 4 инчи нема да е потребен, но денес имаат два iPhone-и со екрани од 4,7 и 5,5 инчи, а според најновите протечени информации од “DigiTimes” ќе лансираат уште еден модел со 5,8 инчен дисплеј со OLED технологија, исто како Samsung Galaxy серијата.

Сепак, овој модел не го очекувајте оваа година – според информациите ваков дисплеј ќе има  втората генерација на iPhone Pro линијата. Годинава, Pro моделот ќе има ист екран како iPhone 7 Plus, што значи веројатно големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција и ќе се разликува по тоа што ќе има двојна камера, како што најавивме претходно.

iphone-7-concept-camera-patent-1

Скокот кон OLED технологија за дисплејот наредната година ќе биде многу нормален – Apple веќе заостанува зад најголемиот конкурент Samsung во овој дел. Корејскиот гигант (и сите останати производители со AMOLED дисплеи) едноставно нуди поостри дисплеи со подобра резолуција и уште поважно, со подлабоки бои, подобар контраст и помала потрошувачка – OLED дисплеите се апсолутно технологијата на иднината и доколку Apple сака да го задржи чекорот, ќе мора да премине на оваа технологија.

Големината на дисплејот од 5,8 инчи пак е мало изненадување, но верувам дека Apple од наредната година конечно ќе дизајнира телефони со помала рамка околу дисплејот – актуелниот iPhone 6S Plus има димензии како телефон со 6 инчен дисплеј и покрај тоа што има дисплеј со големина од 5,5 инчи.

iphone-7-concept-camera-patent-6

Дисплеите инаку најверојатно ќе ги произведуваат Samsung во почетокот, но и Japan Display и LG во 2018 година. Во првата година на лансирање на моделот се очекува да се произведат 50 милиони OLED екрани.

Од информациите сеуште не е јасно дали и другите iPhone модели ќе имаат OLED екрани, што секако би било добро, особено што најверојатно тие ќе бидат бестселерите – 5,8 инчниот iPhone ќе има многу висока цена, повисока дури и од таа на Plus моделот.

Извор: MacRumors, TechnoBuffalo, MotleyFool

Претходна статијаDropbox ја помина границата од 500 милиони корисници
Следна статијаНов SSD диск на Seagate ќе биде најбрз во светот со 10 GBps