Zenfone 2 е Android телефон со високи перформанси и ниска цена, што се покажа како прилично успешна комбинација. Сепак Asus не престанува да го подобрува нивниот најдобар телефон и сега лансираше верзија со 256 GB простор за складирање податоци.
Досега, Zenfone 2 веќе важеше за еден од најмоќните модели на пазарот. Во внатрешноста работи најдобриот мобилен процесор на Intel, Atom Z3580 со четири јадра на 2,3 GHz, помогнат од дури 4 GB рам меморија. Екранот има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција, додека батеријата има солидни 3000 mAh.
Сепак, главниот адут на овој модел е просторот за складирање податоци од 256 GB, на кој може да позавидат и многу лаптопи. Згора на тоа, останува можноста за проширување со micro SD картичка до 128 GB, со што би се добил 384 GB корисен простор. Однадвор, овој премиум модел, се разликува по дијамантскиот заден дел, односно полигоналните структури на поклопецот (достапен е и карбон фибер модел).
Иако на многумина 256 GB веројатно им се чинат како многу и навистина, нема некоја реална причина да носите толку многу капацитет во џебот, но можностите на Zenfone 2 не престануваат тука.
Имено, бидејќи има Intel Atom процесор, на овој телефон може да инсталирате и целосен Windows оперативен систем (7, 8.1 или 10) и да го користите како компјутер (нормално ако го ставите на поголем екран, бидејќи и не е баш пријатно искуство да допирате десктоп оперативен систем на толку мал екран). Ова веќе го имаат направено многу корисници и има објаснување како да го направите и сами.
Процесорот ќе биде доволно моќен за да ги „вози“ и поголемите Windows програми, како Photoshop, а тука секако помага и рам меморијата која изнесува 4 GB, односно просторот за складирање податоци од 256 GB, на кој може да се инсталираат и поголеми, PC игри (постарите веројатно ќе може да се играат со прилично добра графика). Asus можеби не го поддржува ова, но самото постоење на моделот со 256 GB некако асоцира на тоа да инсталирате вистински, десктоп оперативен систем на телефонот, нели?
Како и да е, ваквите телефони, како и најавата за Windows 10 Mobile, кој со Continuum можноста ќе им дозволи на корисниците да го користат и како десктоп компјутер, недвосмислено кажува дека иднината на ваквите уреди е во спојување на можностите со таблетите и лаптопите. Светла иднина, нема што.