TCL можеби лансираше прилично импресивен уред со KEYone, кој е одлично осмислен смартфон со хардверска тастатура (и повисока цена од потребното), но лиценца за BlackBerry уредите има и компанијата BB Merah Putih, која во Индонезија лансираше не толку интересен смартфон. Се работи за за BlackBerry Aurora, кој е своевидна бледа копија на многу смартфони од средната класа.

Спецификациите се само просечни. Процесорот е Snapdragon 425, помогнат од солидни 4 GB рам и 32 GB простор, со можност за проширување преку micro SD. Батеријата има солидни 3.000 mAh, додека дисплејот има големина од 5,5 инчи и само HD резолуција, што е премногу малку за смартфон кој чини 260 долари во 2017 година, иако во пакувањето доаѓа и JBL Go звучник со Bluetooth конекција и футрола.

Камерите барем на хартија се солидни – задната има 13 мегапиксели, додека предната има 8 мегапиксели. Сепак, ова не мора ништо да значи – мегапикселите скоро и да не се значајни во финалниот квалитет на фотографијата. Она пак што е видлива слабост на овој уред е пластичната изработка, која не може да се прости со оглед на високата цена.

Aurora ќе има инсталиран Android Nougat со неколку безбедносни подобрувања на BlackBerry, но смартфонот нема читач за отпечатоци на прсти, што се коси со нив. За среќа, овој смартфон нема да биде достапен на другите пазари освен Индонезија, а и да беше достапен, сигурно ќе бевте подобро опслужени со многу други паметни телефони за истите пари.

Извор: Techno Buffalo, NDTV, GSM Arena

Претходна статијаFord со нови хардверски предизвици за беспилотните автомобили
Следна статијаЗошто е битен протокот на воздух во вашиот компјутер и оптималната конфигурација