По повеќе шпекулации, BlackBerry минатата недела го потврди постоењето на Priv, паметен телефон од компанијата кој што ќе работи на Android оперативниот систем.

Тие иако се’ уште не се откажуваат од развојот на нивниот оперативен систем, може слободно да се каже дека признаваат дека со него не им одат работите баш најдобро, па ќе се обидат со веќе докажаниот Android од Google. Дали сето тоа ќе се покаже како успешно, останува да видиме, а е тешко да се предвиди.

Во интервју за Business News Network, директорот на BlackBerry, Џон Чен, го прикажува телефонот, меѓутоа не баш успешно.

При обидот да демонстрира како изгледа работата со уредот, тој наидува на проблеми кои што можеби и не се неочекувани во демо уред кој што не е наменет за продажба. Како и да е, на видеото се гледа дека стартувањето на Chrome прелистувачот оди навистина бавно, па тој треба неколку пати да притисне на иконата. Исто така, одредени гестови кои што ќе бидат додадени на системот, не функционираат, па презентирањето не поминува на начин кој што би предизвикал исчекување кај корисниците.

Тој исто така ја покажува и тастатурата која што се „лизга“ од долната страна на уредот и потврдува дека ќе ја има функцијата која што овозможува команди со допир на копчињата, како во постарите модели.

Видеото можете да го погледнете, можеби не толку поради настанатите проблеми, туку повеќе поради официјалното претставување на телефонот кое што веќе не е во рамките на шпекулации. Доколку сте поранешен корисник на BlackBerry, можеби овој уред е нешто што ќе ве врати како корисник на оваа компанија.

Извор: BNN, Cnet, TNW

Претходна статијаFacebook недостапен трет пат за помалку од две недели
Следна статијаMicrosoft спрема свој VR кит, ќе работи со Lumia (Windows) телефони
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.