Таблетите со Windows 10 се чини се вистинските решенија за професионалците, бидејќи само со ставање на тастатура, се претвораат во вистински лаптоп, со целосен оперативен систем. Новите Venue 8 и 10 Pro модели на Dell целат директно на таквите корисници.
Двата таблети имаат Intel Atom процесор со четири јадра во внатрешноста, помогнат од 4 GB рам меморија. Овој процесор секако дека ќе има проблем со тешките Windows програми, како оние не Adobe, но за основна Microsoft Office работа, сурфање на интернет и играње полесни игри е и тоа како доволен.
Разликата меѓу двата модели е во големината на дисплејот. Првиот има 8 инчен екран со резолуција од 1280х800 пиксели, или 1920х1200 со доплата, додека поголемиот има 10.1 инчен екран со резолуција од 1920х1200 пиксели. Ова значи дека и двата модели имаат дисплеј со 16:10 однос, што ги прави особено употребливи за работа на документи.
Таблетите ќе имаат USB Type-C приклучок, обичен USB, како и слот за micro SD картичка и micro HDMI излез. За нив ќе бидат достапни и надворешни тастатури, со кои таблетите се претвораат во мал лаптоп, а на самиот таблет се вградени и два звучници и микрофони, што ги прави особено погодни за веб разговори преку камера и за оперирање со виртуелниот асистент, Cortana.
Dell ќе ги понуди овие уреди директно на поголемите компании, како и на болниците, односно производството, а пред се поради можностите кои ги нуди оперативниот систем ан Microsoft и лесната преносливост и достапност. Имено, помалиот таблет ќе чини достапни 299, додека поголемиот 429 долари.
Извор: Windows Central