Една од најпознатите функции која е достапна кај iPhone веќе со години е наречена MagSafe, а во основа се работи за технологија за безжично полнење која вклучува магнети вградени во самиот уред.
Иако магнетите се поставени со цел точно усогласување на безжичниот полнач со намотките за полнење на телефонот, тие сепак отворија цел пазар на додатоци кои ги искористуваат овие магнети.
Поминаа неколку години откако беше претставен Qi2 стандардот, развиен во соработка со Apple, но дури оваа година Android страната првпат доби „MagSafe“ функција, наречена Pixelsnap како дел од новата Pixel 10 серија од Google.
Samsung кај нивната актуелна Galaxy S25 серија донесе само Qi2 подготвеност, па не ги вклучи магнетите на задниот дел, кои доколку ги имаше корисниците ќе можеа да ги користат било кои од MagSafe производите на пазарот.
Според неофицијалните информации, Galaxy S26 серијата ќе дојде со целосна имплементација на Qi2 стандардот, па корисниците на Samsung ќе добијат цела листа на нови додатоци кои ќе можат да ги користат со нивниот телефон.
Покрај ова, се најавува дека основниот Galaxy S26 ќе биде потенок од претходните генерации, со дебелина од 6,9 милиметри. Со оглед на слабата продажба на Galaxy S25 Edge, како и на iPhone Air, Samsung изгледа ќе донесе добра одлука да не претстави втора генерација од доста тенкиот уред, па да ја намали дебелината на основниот модел.
Останува да се види и кој чип ќе го користат од компанијата, а гласините доста често го фалат Exynos 2600 како доста подобрен во споредба со претходниците кои се критикувани, па дури и подобар од конкуренцијата.
Иако Samsung нивниот Galaxy Unpacked настан обично го одржува во јануари, за идната година се најавува и можно неговото одржување при крајот на февруари, но ќе видиме.















