Поминаа години во кои Apple нè навикна на минимални, речиси незабележителни промени во изгледот на своите смартфони, сè додека iPhone 17 серијата конечно не донесе свежина со својот нов визуелен идентитет. Токму овој долгоочекуван редизајн, кој корисниците го прифатија со воодушевување, е главната причина зошто iPhone 18 серијата нема да донесе радикални пресврти во формата.
Најновите информации потврдуваат дека Apple ќе продолжи по веќе зацртаната патека, сметајќи дека новиот стил на куќиштето и камерите има уште многу „живот“ пред себе за да биде заменет толку брзо.
Сепак, тоа што основната форма останува иста, не значи дека ќе нема никакви подобрувања на предната страна. Како што веќе имаме пишувано, главната естетска промена кај iPhone 18 најверојатно ќе биде дополнителното намалување на „динамичниот остров“. Благодарение на новата, покомпактна технологија за Face ID сензорите, Apple конечно ќе успее да ослободи повеќе простор на екранот, со што „островот“ ќе стане помалку инвазивен, а истовремено ќе ја задржи својата функционалност.
Ова е логичен чекор кон крајната цел на компанијата за целосно чист екран без никакви отвори во иднина.
Наместо експериментирање со надворешноста, фокусот на iPhone 18 серијата ќе биде ставен на моќниот A20 чип и напредните способности за вештачка интелигенција.
Со помал динамичен остров и веќе докажаниот модерен изглед, iPhone 18 ќе игра на картата на суптилна еволуција која не го поправа она што веќе одлично функционира кај тековната генерација.











































