Фото: Генерирано од Copilot

Според најновите податоци од синџирот на снабдување, претстојниот iPhone на преклоп ќе имплементира двослојна структура од ултратенко стакло со цел да се намали видливоста на линијата на екранот. 

Профилот Digital Chat Station на кинеската платформа Weibo објави дека првиот уред на Apple со ваков дизајн ќе содржи два слоја на ултратенко стакло (UTG) или ултратенко флексибилно стакло (UFG). Екранот ќе биде поставен помеѓу овие два слоја, со што се овозможува негова целосна изолација од директен контакт со механизмот.

Ваквиот распоред е дизајниран рамномерно да го распределува механичкиот стрес низ повеќе слоеви, наместо истиот да биде концентриран на еден панел. Ова техничко решение има за цел да ја подобри издржливоста на уредот и да го ограничи формирањето на видлива линија по подолг период на користење. 

Пристапот претставува промена во однос на дизајнот на повеќето тековни смартфони на преклопување, кои стандардно користат само еден слој на ултратенко стакло кој истовремено мора да ги поднесува силите на свиткување.

Раздвојувањето на екранот од механизмот е чекор кој треба да му помогне на Apple да ја оствари својата цел за создавање на речиси невидлиа линија. Овој метод вклучува потенок слој на местото на превиткување за обезбедување флексибилност, додека останатиот дел од стаклото останува подебел за одржување на структурната цврстина. 

Официјалното претставување на iPhone Fold се очекува во септември оваа година, паралелно со промоцијата на iPhone 18 Pro уредите.