Агресивниот кинески производител LeEco, лансира три нови паметни телефони, од кои најмоќниот е еден од првите во светот во фантастични 6 GB рам меморија, веројатно повеќе од лаптопите и компјутерите на поголемиот број на читатели на овој пост.
LeMax 2 е вистинско чудовиште од телефон – има Snapdragon 820 процесор, 4/6 GB рам и 32/64 GB простор. Да, 6 GB рам има само моделот со 64 GB простор, но тоа не го прави постигнувањето помалку импресивно. Дисплејот има големина од 5,7 инчи и Quad HD резолуција од 2560х1440 пиксели, додека батеријата има просечен капацитет од 3.100 mAh, иако поддржува брзо полнење.
Овој исклучителен смартфон има и квалитетна камера со 21 мегапиксели назад и тоа новиот IMX230 сензор на Sony, со брз автофокус, оптичка стабилизација и f2.0 бленда. Предната камера има 8 мегапиксели. Ова е и првиот телефон во светот кој за аудио нема 3,5 mm приклучок, туку веќе општо прифатениот USB Type-C. LeEco ветува дека преку овој приклучок може да се пушти многу поквалитетен звук, без загуба на квалитетот.
Најголем адут на LeMax 2 во споредба со конкурентите секако ќе биде цената, која почнува од 285 евра за моделот со 4 GB рам и 32 GB простор, додека помоќниот модел со 6 GB рам и 64 GB простор чини 340 евра. Импресивно, нема што.
Останатите два модели нудат исто така одлични спецификации за цената – Le 2 Pro има MediaTek Helio X25 процесор со 4 GB рам и 32 GB простор, истата задна камера но без оптичка стабилизација, иста предна камера, звук преку USB Type-C и батерија од 3.000 mAh. Дисплејот тука има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција, додека цената изнесува исклучително поволни 205 евра.
Најевтиниот телефон во понудата, LeEco Le 2 има MediaTek Helio X20 процесор и исто така 5,5 инчен дисплеј со Full HD резолуција, но со намален рам на 3 GB. Простор за податоци и во овој модел има 32 GB, но задната камера има 16 мегапиксели. Предната камера останува иста како кај помоќните модели. И овој модел има батерија со капацитет од 3.000 mAh и аудио преку USB Type-C. Овој модел чини само 150 евра.
Сите три модели доаѓаат со вграден Android Marshmallow 6.0, „облечен“ во EUI 5.5 скин на LeEco, како и читач за отпечатоци на прстите, кој може да се користи за отклучување на телефонот, како и онлајн плаќање.