Screenshot_2

Вториот по големина корејски производител претстави четири нови паметни телефони од “X” серијата. И нека не ве залажува ова “X” – кај овие модели нема ништо екстремно, односно LG G5 и натаму е знаменосецот на брендот. Предноста на овие модели се што секој од нив е позициониран и дизајниран кон различна група на купувачи.

На пример, LG X Style е 5,3 инчен уред кој има постилистички надворешен дизајн, со помеки и поелегантни линии, што значи дека е наменет за оние кои се пред сѐ загрижени за стилот. Перформансите сепак ќе бидат само просечни – процесорот е Snapdragon 410 помогнат од 1,5 GB рам и 16 GB простор, додека камерите имаат 8 односно 5 мегапиксели. Дисплејот инаку има резолуција од 1280х720 пиксели, додека батеријата има капацитет од 2.100 mAh, што е веројатно помалку од доволно за целодневно користење.

Оние кои сакаат малку помоќни перформанси, од друга страна, ќе можат да го изберат LG X Power, кој доаѓа со малку помоќен MediaTek MT6735 процесор со четири јадра, помогнат од 2 GB рам меморија, 16 GB простор и камери од 13 односно 8 мегапиксели. Голема предност на Power моделот ќе биде огромната батерија од 4.100 mAh, која сигурно е доволна за дводневно користење, но дисплејот и натаму има само HD резолуција на големина од 5,3 инчи.

LG X Mach и LG X Power
LG X Mach и LG X Power

Но, има и купувачи кои нема да ги задоволи ниту X Power. За нив, LG го спреми X Mach, кој има моќен Snapdragon 650 процесор со 3 GB рам меморија и 32 GB простор. Дисплејот има големина од 5,5 инчи и одлична Quad HD резолуција, додека батеријата има прилично солидни 3.000 mAh. Главната камера тука има 12 мегапиксели, но со поголем сензор од другите модели и поддршка за 4K видео, додека предната има 8 мегапиксели.

Оние кои пак сакаат огромен екран, на избор го имаат X Max, кој има 6 инчен дисплеј со резолуција од 1920х1080 пиксели. LG сѐ уште нема објавено информација за внатрешните компоненти на овој уред, но според мое мислење би требал да биде опремен со Snapdragon процесор од 600 серијата и минимум 2 GB рам меморија.

Сите четири уреди ќе доаѓаат со Android Marshmallow и ќе бидат лансирани на пазарите низ светот уште овој месец, со надеж дека набрзо ќе стигнат и кај нас и ќе имаат коректни цени.

Извор: Ubergizmo, The Verge, NDTV

Претходна статијаLED рамка околу камерата кај новите Samsung модели ќе прикажува „Паметни Нотификации“
Следна статијаOnePlus 3 не ги користи сите 6 GB рам меморија