Во обид да се дистанцира од реално досадните конкуренти од средната класа, кои не нудат специјални можности кои ќе ги издвојат од конкуренцијата, LG лансира два нови смартфони со интересни карактеристики превземени од повисоките класи.
Двата телефони го носат името “X” со додаток на специјалната карактеристика. Така, “X cam” е смартфон со две камери во задниот дел (како предните кај V10), едната со 13, додека другата со 5 мегапиксели. LG не најави што прават овие две камери, односно каков бенефит ќе донесат во поглед на подобрувањето на фотографијата, но тоа веруваме ќе биде откриено на MWC во Барселона.
Предната камера кај “X cam” е исто така многу солидна – има 8 мегапиксели, а истото важи и за останатите спецификации. Процесорот е со осум јадра кои работат на 1,14 Ghz, помогнат од 2 GB рам и 16 GB вграден простор, додека дисплејот има големина од 5,2 инчи и солидна Full HD резолуција. Телефонот има батерија со капацитет од 2.520 mAh и тежи само 118 грама.
Вториот претставен телефон “X screen” е своевидна поевтина верзија на LG V10 смартфонот, кој има дополнителен дисплеј во горниот дел што може да прикажува повеќе информации и да биде запален цело време, без да троши премногу енергија. Тука големиот дисплеј мери 4,93 инчи во дијагонала и има HD резолуција, додека помалиот дисплеј е 1,76 инчен и има резолуција од 520х80 пиксели.
Овој модел има послаб процесор со четири јадра на 1,2 Ghz, но исто така има 2 GB рам меморија и 16 GB вграден простор. Батеријата има капацитет од 2.300 mAh, додека камерите се задна со 13 мегапиксели и предна со 8 мегапиксели.
LG сеуште нема најавено кои ќе бидат цените на овие два уреди, но не би требало да очекуваме да одат над 350 долари во случајот на “X cam”, кој веројатно ќе биде поскапиот модел.
Како и да е, одлично е да се види дека производителите почнаа да посветуваат внимание и на пониските класи на смартфони, кои веќе подолго време се само генерички уреди со слични спецификации, непрепознатлив дизајн и поограничени можности во однос на оние од повисоката класа.
И двата модели ќе доаѓаат со вклучен Android Marshmallow 6.0 оперативен систем, што е одлична вест.
Извор: The Verge, Engadget, Android Central, GSMArena