Со технологија каква што имавме кај мобилните телефони од пред десетина години, но и модерен дизајн и ултра тенко куќиште, големо колку кредитна картичка, Light Phone е новиот уред кој ќе се обиде на пазарот преплавен со паметни телефони.

Идејата на Kickstarter проектот на Light Phone е телефон со многу мали димензии, кој ќе може да воспоставува само повици. На овој начин, како што велат одговорните за проектот, на корисникот многу помалку ќе му се одзема вниманието од сите најразлични нотификации. Самиот уред има димензии колку на кредитна картичка, со дебелина од само 4 mm, што значи дека лесно би можел да влезе и во Вашиот паричник.

Секако, Light Phone ќе доаѓа со своја SIM картичка, но покрај тоа, ќе може да се поврзе и со Вашиот паметен телефон и да се користи како негова екстензија. Всушност, апликацијата, која треба да биде лансирана за сите поголеми оперативни системи, ќе овозможи префрлање на повиците од паметниот телефон кон Light Phone.

И покрај исклучително малите димензии, Light Phone ќе има батерија која ќе трае многу време, односно до 20 дена во стендбај. Причината за ова е што се користи само за повици и што реално нема дисплеј кој би трошел енергија, како и тоа што реално нема да го чепкате, бидејќи и нема што да се чепка.

Засега, Light Phone има собрано околу една четвртина од средствата на Kickstarter проектот (200.000 долари), па може да помине уште долго време додека се постигне финалната проекција. Досега веќе имаше неколку вакви обиди за мали телефони, наменети само за повици, но не успеаја на пазарот.

Извор: Geek, The Next Web

Претходна статијаДополнително објаснување за пиратските верзии на Windows 10
Следна статијаНеофицијални фотографии од нов Sony паметен телефон