lumia-940-concept-8

На модели од високата класа од Microsoft, а и генерално од Windows производителите, се чека веќе подолг период, што стана јасно дека сите ќе чекаат на новиот Windows 10 за да почнат да ги претставуваат телефоните.

Веќе неколку пати можевме да прочитаме неофицијално дека Microsoft спрема два нови вакви модели, како и дека истите би требало да бидат нарекувани Lumia 940 и Lumia 940 XL. Соодветно двата модели ќе се разликуваат по нивната големина, како и уште неколку дополнителни карактеристики.

Сега нови информации кои што излегуваат на интернет, за кои што се тврди дека доаѓаат од извори запознаени со случувањата, покажуваат дека Microsoft ќе претстави два нови модели, меѓутоа тие ќе се викаат Lumia 950 и Lumia 950 XL.

Според информациите, она што ќе биде карактеристично за овие модели е вклучување на прота за USB Type-C, како и тоа дека ќе доаѓаат со целосно метално тело, наместо само рамката.

Двата модели исто така треба да имаат 3GB RAM меморија и 32 GB вградена меморија за складирање со поддршка за microSD картичка, како и 20 мегапикселна задна и 5 мегапикселна предна камера.

Двата модели исто така треба да дојдат со поддршка на Continuum функцијата која што ќе им овозможи на корисниците да го поврзат уредот со надворешен екран и да го користат како десктоп компјутер со додавање на глувче и тастатура.

Карактеристиките по кои што би се разликувале двата модели вклучуваат 5,2 инчен 2К екран кај 950-ката и 5,7 инчен исто така 2К екран кај 950 XL моделот. Послабиот модел ќе доаѓа со шест јадрен Snapdragon 808 чипсет, додека појакиот со осум јадрен Snapdragon 810 чипсет. 950 моделот ќе има батерија со капацитет од 3.000 mAh, а 950 XL нешто поголема со капацитет од 3.300 mAh.

Овие телефони се најавува дека би биле претставени некаде во Октомври или Ноември, што е во рамките на очекувањата, посебно со оглед на тоа што Windows 10 за мобилните ќе биде пуштен тек оваа есен.

Иако се работи за неофицијални информации кои што може да се покажат како неточни, неколку работи се сигурни. Microsoft сигурно ќе претстави нови модели од високата класа оваа година, а тие ќе доаѓаат со поддршка за Continuum функцијата. Исто така може да се очекува дека тие ќе имаат барем 3GB RAM меморија, како и некои од наведените процесори.

Извор: WMPowerUser

Претходна статијаMicrosoft издаде вонредна безбедносна закпра за сите верзии од Windows
Следна статијаРобот демонстрира самосвесност преку нова верзија на стар логички тест
Мишо Лекиќ
Својот интерес во областа на паметната технологија го развива одамна како хоби кое што прераснува во нешто повеќе, па резултатот на тоа е и развојот на овој портал. Сака да ги следи сите новини поврзани со оперативните системи, апликациите, мобилните телефони, но и интересните научни и вселенски истражувања.