Утре, на 6-ти Октомври, треба да се одржи долго очекуваниот Microsoft настан, на кој ќе бидат претставени неколку нови уреди, вклучувајќи го и новиот Surface Pro 4 таблет/лаптоп. Според последните информации, новиот модел би имал многу мала рамка околу екранот, но само кога ќе се користи како лаптоп – кога ќе се користи како таблет, ќе се исклучуваат пикселите, за да има каде корисникот да ги стави палците!
Ваквото решение, доколку навистина се исполни, е идеално за ваков уред. Кога ќе го користите како лаптоп, односно кога ви треба максимум од дисплејот за работење со десктоп програмите, ќе бидат достапни 13 инчи во дијагонала, додека кога ќе го користите како таблет, реално нема потреба од толкав дисплеј и тогаш се исклучуваат дел од страничните пиксели и екранот се претвора во 12 – инчен.
Малата рамка околу екранот исто така ќе овозможи многу помали димензии на новиот Surface Pro 4, односно, во скоро иста широчина и височина, корисникот сега ќе има 13 инчен, наместо 12 инчен екран.
Сепак, оваа информација не можеме да ја потврдиме 100% и можеби и да е грешна, односно само желба на некој интернет корисник. Порано, најавивме дека Microsoft ќе претстави две големини на Surface таблет/лаптоп уредот, од 12 и 14 инчи, што се коси со оваа најава денес.
Како и да е, самата идеја е одлична и доколку се исполни, уште толку ќе ги доближи ваквите компјутери до генералната публика.