Вест која фановите на Samsung не би сакале да ја прочитаат, враќање на Exynos чипот кај телефоните од овој производител, се најавува како можност која би се случила до крајот на оваа година.
Според извори на Pocket-Lint, Samsung размислува повторно да почне да го користи нивниот чип кај телефоните, како што беше случајот до минатата година, во одредени региони.
Тоа значи дека корисниците во Европа и уште некои, наместо со Snapdragon чип, повторно би добивале уред со Exynos чип, а оваа можност се најавува за Galaxy S24 серијата, како и за можниот Galaxy S23 FE модел кој би бил претставен до крајот на оваа година.
Тоа што е добро кај овие информации е што не се тврди дека одлуката е донесена, а и не е познато дали од Samsung би се вратиле на истата практика како претходно или Exynos чипот би бил дел од телефоните во помалку региони, како начин да се задржи развојот и производството на овие чипови.
Причината поради која оваа вест не е баш посакувана од страна на корисниците е што Exynos чипот изминатите години упорно се покажува полошо од Snapdragon, па корисниците можеа да забележат побавна работа, поголемо загревање и поголемо трошење на батеријата, меѓу другото.
Сепак, враќањето на Exynos не мора да значи дека корисниците повторно ќе ги имаат истите проблеми. Веќе можевме да прочитаме дека од компанијата се свесни за нив, затоа и префрлувањето ексклузивно на Snapdragon оваа година, затоа работат и на развој на подобра верзија од чипот, па дури и целосно нова која нема да го носи истиот бренд.
Како и да е, засега овие информации се неофицијални, па ќе видиме дали навистина вакво нешто е планирано од страна на компанијата.