За нас, главното внимание на Google I/O конференцијата, која ќе започне идната среда, ќе го привлече Pixel Fold, првиот уред на преклоп од компанијата. За овој уред се очекува дека ќе донесе добра конкуренција на пазарот, односно моментално главниот играч, Samsung, ќе има причина да ја стегне својата игра.
Секако, тука е и презентацијата на Android 14, па ќе биде интересно да ги видиме сите новини кои ќе ги донесе наредната генерација од овој оперативен систем.
Уште еден уред се очекува на оваа конференција, а тоа е Pixel уредот од средната класа кој обично ја има додавката „а“ во името. Сега Google India го потврди претставувањето на Pixel 7a, а во земјата ќе биде достапен во продажба од 11 мај. За жал, овие телефони се’ уште не се официјално достапни во нашата земја, па обично мора да се купат од странство или преку мобиларите кои не ги носат официјално за нашиот пазар.
За Pixel 7a се очекува дека ќе има цена од околу 500 долари и ќе биде доста сличен со ланскиот Pixel 7. Се очекува да го користи истиот чип, односно Tensor G2, но треба да биде нешто помал.