До официјалното претставување на „ес десетките“ остануваат уште помалку од месец дена. Трите очекувани модели ќе бидат претставени во Сан Франциско идниот месец, поточно на 20 февруари.
Во повеќе наврати досега можевме да видиме слики кои наводно ги прикажуваат овие уреди, а сега германскиот сајт „AllAboutSamsung“ објавува досега „најдобри“ слики од два од трите очекувани модели.
На сликите може да се видат Galaxy S10 и Galaxy S10+. Тие се во главно во правец на досегашните неофицијални информации, па би можеле да веруваме дека се работи за вистински слики, односно од вистинските уреди.
На предната страна се гледа екранот со досега најмали рамки, односно тие остануваат во помала форма на долната страна, како и мал дел на горната. Екранот е Infinity-O и двата модели имаат една, односно две кај S10+, дупка за камерата.

На задната страна можат да се видат камерите кои се во бројката која можевме да ја прочитаме од неофицијалните информации, односно и двата модели на задната страна имаат по 3 камери.
Исто така, на задната страна може да се забележи дека нема сензор за отпечатоци на прсти, што може да се земе како уште еден „доказ“ во правец на очекувањата дека сензорот ќе биде сместен под екранот.

Уште една работа која се истакнува е портата за слушалки на долната страна, нешто што кај многу конкурентни модели се практикува да не се вклучува, а за многу корисници тоа е проблем.