Полека, но сигурно, предните „селфи“ камери кај некои модели на смартфони ги престигнуваат задните камери за генерално фотографирање. Еден од првите такви е Oppo F1 Plus, кој има предна камера со 16 мегапиксели.
Не само што предната камера има висока резолуција, туку има и бленда со вредност од f2.0, што значи дека треба да овозможи подобри фотографии во потемни услови, како и подобро изолирање на субјектот, во овој случај вашето лице од околината. Задната камера пак има 13 мегапиксели со f2.2 бленда, што е солидно, но послабо од предната камера. Во превод, телефон апсолутно насочен кон селфи зависниците.
F1 Plus инаку има спецификации кои го сместуваат во средно – високата класа. AMOLED дисплејот има големина од 5,5 инчи и Full HD резолуција, во внатрешноста е вграден прилично моќниот MediaTek Helio P10 чип, помогнат од 4 GB рам меморија и 32 или 64 GB простор со дополнителен micro SD слот, додека батеријата има капацитет од 2.850 mAh со можност за брзо полнење. Копчето во предниот дел пак има читач за отпечатоци на прстите, што е веќе случај со скоро сите понови Android паметни телефони.
Однадвор, F1 Plus го карактеризира луксузен дизајн со алуминиумска изработка и многу мала рамка околу дисплејот, кој за жал претерано многу наликува на iPhone 6S Plus, а има дури и слични бои, како на пример златната и розе – златната. Дефинитивно, уредот изгледа одлично и премиум, но Oppo треба да поработи на поголема препознатливост.
Цената на Oppo F1 Plus во Европа ќе изнесува 399 евра, што и не е многу за перформансите и изработката кои ги нуди, а особено не е многу за оние кои примарно го користат својот паметен телефон за да го сликнат секое свое расположение во текот на денот и да го објават на социјалните мрежи.