Твитерџијата Evan Blass, кој е секогаш заслужен за протекување на информации и фотографии (рендери) од уреди кои треба да излезат во иднината, сега не почести со рендери од новиот Galaxy Note 7 на Samsung, кој дефинитивно ќе има Edge дисплеј и дизајн кој неодоливо потсетува на Galaxy S7 Edge.
Како и кај актуелниот модел ќе биде заоблен и задниот дел, со цел полесно држење во раката, додека камерата нема да излегува толку многу од телото. Изработката повторно ќе биде комбинација на стакло со алуминиум, додека во предниот дел конфигурацијата на копчињата во долниот дел ќе биде иста како и претходно, со читач на отпечатоци на прстите вграден во централното хардверско копче. Ќе бидат достапни три бои – црна, сребрена и сина. Интересно, на рендерите нема специјален скенер за ирисот на окото, иако таа спецификација беше потврдена од Evan Blass.
Внатрешните компоненти на Note 7 ќе бидат кремот на мобилната технологија денес – Snapdragon 821 процесор помогнат од 6 GB рам меморија, 64 GB простор со можност за проширување преку micro SD картичка и дисплеј со големина од 5,7 инчи и Quad HD резолуција. Камерите ќе бидат исти како кај Galaxy S7 – задната ќе има 12, додека предната 5 мегапиксели. Galaxy Note 7 ќе биде и IP68 отпорен на водат и прашина, односно со него ќе може дури и да пливате на одмор. Секако, достапно ќе биде и електронско пенкалце, кое ќе може да се смести во самиот телефон.
Интересно, ова ќе биде веројатно првиот модел од високата класа на Samsung кој ќе има USB Type-C приклучок, кој ќе овозможи брзо полнење но и многу побрз трансфер на податоците кога ќе го поврзете со компјутер.
Официјалното претставување на Galaxy Note 7 треба да биде на почетокот од Август, до кога сигурно ќе ги имаме сите информации за новиот таблет/телефон знаменосец на Samsung.
Samsung Galaxy Note7 in (from l to r) Black Onyx, Silver Titanium, and Blue Coral pic.twitter.com/QiePUEG9GP
— Evan Blass (@evleaks) July 1, 2016
Извор: Android Authority, Engadget, Forbes