hw_424120

Денес дури пресуши и муабетот дека Кинезите копираат, иако неодамна пишувавме за копија на HTC One… Сепак, денес ќе пишуваме за врвен паметен телефон од високата класа, кој не само што има различен дизајн од етаблираните конкуренти, туку има и внатрешни компоненти целосно изработени од Huawei, нешто што не го прави ниту Apple!

Huawei особено се гордее со високото ниво на завршна обработка и употребата на квалитетни материјали. Всушност, како скоро ниту еден друг смартфон, P8 е скоро целосно изработен од челик, кој е многу поцврст од алуминиумот, со Gorilla Glass во предниот дел и уште едно заштитно стакло поставено преку камерата во задниот дел. И за разлика од Galaxy S6 и iPhone 6, камерата не излегува од задниот дел, иако дебелината изнесува само 6,4 милиметри. Целосно, дизајнот делува ексклузивно и скапо, нешто што веројатно не успеал да го постигне ниту еден кинески паметен телефон досега.

hw_424132

Но, кој има корист од убав дизајн и квалитетна изработка, ако перформансите не се на ниво? Како и Samsung, и Huawei вградува свој процесор во телефонот. Kirin 935 се базира на ARM архитектурата, има 8 јадра и работи со 64 битна инструкција, а е целосно дизајниран и изработен од Huawei. Според производителот, со перформансите лесно може да конкурира на најдобрите, иако за тоа треба да ги почекаме првите бенчмаркови.

Процесорот е помогнат од 3 GB рам меморија, што е исто така во врвот на класата, но и со 16 GB простор за складирање податоци, што е мало изненадување, иако има можност за проширување со micro SD картичка до 128 GB. Исто така, за разлика од многу од конкурентите, резолуцијата на екранот е „само“ Full HD (1920х1080 пиксели), но да бидеме искрени, на големина од 5,2 инчи, колку што брои P8, ретко кој ќе ја забележи разликата. Батеријата има капацитет од 2600 mAh, што Huawei ветува дека е доволно за еден и пол ден користење.

hw_424123

Huawei е горд и на камерата, која има 13 мегапиксели и оптичка стабилизација на сликата и е целосно преземена од Sony. Квалитетната оптика и сензор се надополнети и со целосно нови алгоритми за обработка на фотографиите. Предната камера има високи 8 мегапиксели, што е добра вест за селфи фановите. И двете камери можат да снимаат Full HD видео, но без можност за снимање на Ultra HD.

Телефонот ќе биде лансиран со Android Lollipop, но со тешкиот EMUI 3.1 скин на него, кој е доста различен од она што сте навикнале на Android и бара време за навикнување.

Цената на Huawei P8 ќе биде пониска од таа на главните конкуренти и ќе изнесува 499 долари, иако ќе биде понудена и премиум верзија која ќе чини 599 долари. Ќе бидат достапни четири бои: Шампањ, Златна, Црна и Сребрено сива.

hw_424137

Извор: Android Central

Претходна статијаLumia 540 е новиот супер достапен Dual SIM смартфон на Microsoft
Следна статијаLync официјално заменет со Skype for Business