SONY DSC

Иако побавно од очекуваното, продажбата на Lumia телефоните, кои се сега под капата на Microsoft, константно расте од месец во месец и претходното тромесечје стигна до бројката од 10,5 милиони примероци (8,2 милиони истиот период 2013 година) и покрај тоа што не беше лансиран топ модел во понудата, односно наследник на 930 и 1520.

Ваквите бројки се пред се благодарение на евтините и достапни паметни телефони на Nokia/Microsoft, кои во секојдневното користење се покажуваат како многу побрзи од Android конкуренцијата и забележаа голем успех на пазарите во раст, како Индија и Бразил. Вкупно, Lumia серијата му донесе на Microsoft 2,3 милијарди долари приход, што е многу солиден резултат.

Surface Pro 3

Голем пораст во продажбата има и Surface линијата на производи, односно, хибридот таблет/лаптоп, кој во третата генерација, доживеа голем раст во популарноста и е еден од најпродаваните вакви уреди во светот. И не случајно, бидејќи нуди одлични перформанси, целосен десктоп оперативен систем и кај i3 и i5 моделите, коректна цена. Од него, Microsoft има 1,1 милијарда приход, што е раст од 24% во однос на претходното тромесечје.

Сепак, не е розово во секоја дивизија на Microsoft. Новиот Xbox One бележи пад во продажбата во однос на 360, најмногу поради повисоката цена во однос на главниот конкурент Sony Playstation 4, но и особено високата популарност на неговиот претходник. Во претходното тромесечје, вкупната бројка на продадени конзоли изнесуваше 6,6 милиони, и тоа 360 и One заедно.

Најпрофитабилниот бизнис на Microsoft, Windows, и натаму бележи пад на профитабилноста и тоа 13% во однос на претходното тромесечје. Причината за ова е што многу бизниси и натаму одбиваат да се префрлат од Windows XP, односно Windows 7, на поновиот Windows 8.1. Од друга страна, забележан е раст во користењето на Cloud сервисите, како на Office 365, од 3,5 милиони корисници во 2013, до 9,2 милиони минатата година. Исто така, интеграцијата на Cortana со Bing, донесе зголемување на користењето на пребарувачот на Microsoft.

Вкупно, приходот кој го оствари Microsoft минатата година е 26,5 милијарди долари, што е раст од 8% во однос на претходната година, додека профитот е 5,8 милијарди долари, што е пак пад во однос на истиот период лани. Причината за помалиот профит е најверојатно купувањето на одделот за мобилна телефонија на Nokia.

Според предвидувањата, сите бројки треба драматично да се подобрат со новиот Windows 10, кој ќе се вградува во сите уреди, од паметните телефони, преку компјутерите, па се до Xbox One. Исто така, на крајот од летото е планиран и настан на кој ќе се претстават неколку нови Lumia смартфони, како и целосно нов Surface Pro таблет, на кои Microsoft веќе напорно работи.

Извор: GSMArena

Претходна статијаНаучниците развија начин како да онеспособат генетски модифицирани организми
Следна статијаVivaldi – Нов интернет прелистувач за фановите на стариот Opera