Корејскиот гигант дефинитивно е во голем подем последниве две години по претставувањето на првиот “Edge” уред – купувачите едноставно го обожаваат. Доказ за тоа се 200.000 преднарачки за Galaxy Note 7 само на пазарот во Јужна Кореја, кој ќе доаѓа исклучиво со “Edge” дисплеј, за разлика од неговите претходници кои имаат и „обичен“ модел во гамата.
Бројката од 200.000 е особено импресивна кога ќе се стави до преднарачките направени за Galaxy S7, која изнесуваше 100.000. И да, Galaxy Note 7 е многу скап уред, кој во Јужна Кореја чини околу 900 долари, што ќе се сложиме сите е многу за еден паметен телефон, макар бил од високата класа и макар имал “Edge” дисплеј.
Сепак, Samsung како искусен во делот на маркетингот, понуди неколку пакети уште во почетокот на продажбата на моделот кои дополнително ги привлекоа купувачите, како бесплатна Gear Fit 2 фитнес нараквица за сите што ќе направат преднарачка, односно 50% попуст за поправка на дисплејот (а сите знаеме дека “Edge” дисплејот е полесно скршлив од останатите). Згора на тоа, Samsung со секој уред дава и „картичка за подароци“ во вредност од околу 90 долари, која може да се искористи во Samsung Pay Mall.
Каков ќе биде успехот на Galaxy Note 7 на останатите пазари останува да видиме – Apple наскоро ќе ги претстави новите iPhone-и, кои според новитетите што се очекуваат дефинитивно ќе му зададат сериозен удар на корејскиот конкурент во бројките за продажбата.
Извор: GSMArena, NDTV, Android Authority