Најновиот модел од серијата на Galaxy S е веројатно и најважниот на Samsung во историјата, особено по падот на продажбата на претходникот, кој ја загуби битката со новите iPhone-и минатата година.
Главен проблем кај претходникот беше тоа што и не личеше на нов модел во споредба со S4, односно не донесе големи промени и новитети, особено во дизајнот и употребата на материјалите. S6-ката, конечно, за прв пат во историјата на моделот, донесува употреба на алуминиумска шасија, која треба да го долови премиум чувството кое го имаат iPhone и HTC One, но и да го направи телефонот поцврст и поиздржлив.
Сепак, за разлика од главните конкуренти, алуминиум има само од страните, додека задниот дел е изработен од Gorilla Glass 4, исто како и предниот дел. Резултатот, барем како што гледаме од фотографиите, е многу поубаво парче паметен телефон и со материјали кои се полуксузни на допир. Ваквиот дизајн се чини уште повеќе одговара на Edge верзијата, чиј екран има делумно заоблување на двата краја и делува буквално како да истекува кон страничниот дел, што дава чувство на флуидност и футуристички дизајн кој за прв пат го гледаме во мобилната телефонија.
Секако, како и секогаш со Samsung, спецификациите се моментално најдобри на пазарот. Процесорот е новиот Exynos 7420, со 64-битна архитектура и осум јадра, наместо Snapdragon 810, кој не помина најдобро на првите тестови, поради прегревањето и падот на перформансите. Рам меморијата ќе биде 3 GB, но ќе биде од новата, LPDDR4 верзија, која има многу повисоки перформанси. Подобрен е и модулот за складирање податоци и тоа UFS 2.0, кој има перформанси скоро како кај SSD дисковите, што треба драматично да го забрза стартувањето на апликациите. Сепак, за прв пат Galaxy S6 нема да се нуди со слот за мемориска картичка и ќе доаѓа во повеќе верзии, со 32, 64 и 128 GB.
Напред, новиот Galaxy S6 го краси веројатно најдобриот екран кај смартфоните досега, со големина од 5,1 инчи, Quad HD резолуција (2560х1440), Super Amoled технологија и јачина на светлина од 600 кандели на милиметар, за извонредна видливост на сонце. Она што е исто така плус е малата рамка околу дисплејот, која го прави целиот смартфон помал и покомпактен.
Иако и натаму има 16 мегапиксели, нова е и камерата, со леќа со супер брза f/1.9 бленда, оптичка стабилизација за постабилни видеа и поостри фотографии навечер, HDR мод и можност за снимање 4K видео. Предната камера има 5 мегапиксели и исто така бленда од f/1.9. Батеријата се чини е најслабиот дел од сите спецификации, бидејќи има „само“ 2550 mAh, односно 2600 mAh кај Edge верзијата, што може да претставува проблем поради супер високата резолуција на екранот, која црпи многу повеќе енергија. Работите делумногу треба да ги подобри безжичното полнење, кое доаѓа стандардно и кај двата модели.
Кога сме кај Edge верзијата, истата ќе биде поскапа од обичната, но затоа ќе нуди многу повеќе можности во страничниот дел од дисплејот, како можност за прикажување нотификации кога смартфонот е легнат со дисплејот надолу, но и брзо бирање на пет контакти со лизгање на прстот отстрана. Оние што веќе го пробаа телефонот, јавуваат и за многу поинтуитивно користење токму на командите со лизгање отстрана, кои ги има во голем број во новиот Android Lollipop.
Оперативниот систем на Google повторно ќе биде преоблечен во TouchWiz скин, кој Samsung ветува дека е многу полесен и дека нема да одзема на перформансите, но изгледот и натаму не е на нивото на конкурентите и се чини и натаму делува многу пастелно, односно како од цртан филм. Но, тоа е може само наша проценка со која не мора да се сложи секој.
Се чини со сите подобрувања, особено во надворешниот дизајн и употребата на многу, многу поквалитетни материјали, Samsung го направи Galaxy S6 повторно натпреварувач од првиот ред. Можеби досегашните корисници нема да можат лесно да го проголтаат тоа дека нема слот за micro SD картичка, или дека батеријата веќе не може лесно да се менува, но и покрај тоа, корејскиот смартфон делува многу подопадливо и попривлечно. А згора на тоа, Edge верзијата вистински ги поместува работите во мобилната телефонија, со нови можности, но и дизајн кој го одзема здивот.
Но, и покрај позитивните вибрации што ги остава, останува само на времето да покаже дали S6-ката ќе се врати на победничките патеки и како жесток конкурент на iPhone. А делува дека ќе е така.