Samsung веќе подолг период работи на развојот на Tizen оперативниот систем, заедно со други компании меѓу кои и Intel, а претставувањето на телефон е одложувано веќе неколку пати. Иако се очекуваше дека од Samsung прво ќе претстават телефон со овој оперативен систем, тие на годинешната MWC 2014 конференција ги претставија Gear часовниците кои што наместо на Android, работат на Tizen OS.
Денеска Samsung официјално го претстави Samsung Z, нивниот прв паметен телефон кој што работи на Tizen оперативниот систем, поточно верзијата 2.2.1. Од верзијата може да се види дека развојот на системот не е во почетна фаза, како и одложувањето на претставување на телефон кој што работи на овој оперативен систем. Samsung Z е претставен како телефон од високата класа и тоа може да се види од неговите карактеристики, иако се нешто послаби од Android конкурентите вклучувајќи го и нивниот Galaxy S5.
Samsung Z ќе дојде со 4.8 инчен HD Super AMOLED екран со резолуција од 1280 x 720 пиксели што е до некаде за изненадување со оглед на класата во која што е сместен од страна на компанијата. Процесорот на кој што ќе работи е од Qualcomm со четири јадра и 2.3GHz, но поточно за која верзија од процесорот се работи не е назначено, а се претпоставува дека е Snapdragon 800. Од меморијата, уредот ќе вклучува 2GB на RAM меморија, како и 16GB на внатрешна меморија за складирање на податоци со можност за додавање на SD картица со поддршка за капацитет до 64GB. Главната задна камера е со 8 мегапиксели сензор, а предната со 2.1. Димензиите изнесуваат 138.2 x 69.8 x 8.5mm, а тежината 136g. Батеријата е со капацитет од 2.600 mAh што е помалку од S5-ката, но со оглед на помалиот екран и помалата резолуција траењето не треба да биде ништо пократко.
Tizen оперативниот систем според Samsung треба да овозможи побрзо време на негово стартување, подобра искористеност на батеријата и меморијата, како и подобар мултитаскинг систем. Што се однесува до изгледот, тој е направен прилично слично на Android, односно корисничкиот интерфејс е направен на основа на TouchWiz, па корисниците нема да имаат проблем да се навикнат. Со оглед на тоа што не е Android, корисниците ќе немаат пристап до огромниот број на апликации на кои што се научени на Samsung телефоните кои што работат на Android оперативниот систем, иако се најавува одредена компатибилност на апликациите.
Samsung Z ќе вклучува одредени хардверски карактеристики достапни во S5 моделот, односно ќе доаѓа со сензор за отисоци од прсти на предното копче, сензорот за пулс на задната страна, ultra power saving режимот, како и download booster функцијата која што го забрзува симнувањето со комбинирање на LTE и Wi-Fi конекцијата.
Што се однесува до дизајнот, Z моделот се разликува од Galaxy серијата, па така тој доаѓа со аглест дизајн, за разлика од заоблениот кај Galaxy моделите, како и имитацијата на кожа на задната страна од уредот. На почетокот ќе доаѓа со избор од црна и златна боја.
Samsung Z ќе биде официјално претставен утре на Tizen Developer Conference која што ќе се одржи во San Francisco, по што ќе видиме повеќе детали околу хардверот, а посебно работата на Tizen оперативниот систем.
Интересно, на почетокот Samsung Z ќе биде достапен за Руските корисници, по што ќе биде достапен на другите пазари. Во Русија се очекува да биде достапен од третата четвртина од оваа година.
Извор: Samsung