Samsung ја прошири својата линија на Galaxy Tab и Galaxy Note уреди со новите Pro модели на таблети. Galaxy Tab Pro ќе биде достапен во три различни големини од 8.4, 10.1 и 12.2 инчи, додека Galaxy Note Pro ќе нуди само 12.2 инчна варијанта. Сите четири таблети ќе имаат WQXGA (2560x1600p) TFT дисплеи и ќе работат на Android 4.4 KitKat. Главниот фокус на овие таблети е насочен кон полесен мултитаскинг и зголемена продуктивност.

Во денешнава статија ќе го претставиме Galaxy Note Pro таблетот.

GNPro1

Note Pro е со димензии од 295.5 x 203.9 x 7.95 милиметри и тежи околу 750 грама. Како што веќе споменавме, екранот е со големина од 12.2 инчи и резолуција од 2560 x 1600 пиксели. Таблетот ќе биде достапен во две верзии – Wifi/3G и LTE варијанта. Wifi/3G моделот ќе доаѓа со осум-јадрен Exynos 5 процесор кој се состои од четири Cortex-A15 јадра со работна фреквенција од 1.9 гигахерци и четири  Cortex-A7  јадра со фреквенција од 1.3 гигахерци, додека LTE моделот ќе вклучува Snapdragon 800 процесор со четири Krait јадра кои ќе работат на фреквенција од 2.3 гигахерци.

Двата модели ќе имаат 3 гигабајти RAM меморија и 32/64 гигабајти eMMC меморија со можност за надградба преку microSD картичка. На задната страна е сместена камера со резолуција од 8 мега-пиксели, додека на предната страна се наоѓа 2 мега-пикселна камера. Батеријата е со капацитет од 9,500 мили-ампер часови.

GNPro2

Samsung Galaxy Note Pro ја користи најновата верзија на Android – KitKat 4.4, меѓутоа доаѓа со комплетно променет кориснички интерфејс наречен Magazine UX. На прв поглед, новиот интерфејс многу наликува на модерното старт мени во Windows 8/8.1 оперативниот систем.

Полињата во Magazine UX интерфејсот презентираат најразлични содржини, кои лесно може да ги организирате по ваша желба. Исто така, Samsung имплементирале можност за поделба на екранот на четири секции во кои можете да отворите и користите четири различни апликации одеднаш. Note Pro вклучува и виртуелна тастатура која благодарение на големиот екран ги содржи сите стандардни „копчиња“, така што нема да морате постојано да менувате помеѓу букви, бројки и симболи.

Она што го прави Note Pro поразличен од Tab Pro е S Pen додатокот сместен горниот десен агол од таблетот.  S Pen додатокот ја олеснува навигација по менијата и во комбинација со Pen Window опцијата овозможува да отворите до осум прозорци наеднаш, притоа овозможувајќи полесна интеракција со големиот екран наспроти користење на прстите за таа цел. Исто така, S Pen додатокот е корисен за пишување пораки и белешки, како и за цртање.

Samsung не ја објави достапноста и цената на Galaxy Note Pro и Tab Pro таблетите, меѓутоа се очекува да се појават на пазарот некаде пред истекот на првиот квартал од годинава.

Претходна статијаWinamp доби нова шанса, AOL го продаде, наместо да го затвори
Следна статијаBlackphone паметен телефон направен за приватност