Ви паѓа телефонот често од рака? Еве достапен смартфон кој ќе ги издржи сите падови, туширања, пливања, екстремни температури, шокови и вибрации. Samsung XCover 4 можеби нема да ве импресионира со перформансите, камерата или дисплејот, но сигурно ќе биде еден од најдоверливите смартфони кои сте ги имале.

XCover 4 има супер заштитено куќиште, исто како и Galaxy S Active моделите, кое има MIL-STD 810G војнички стандард за заштита, како и IP68 стандард за водотпорност до длабочина од 1,5 метри, максимум 30 минути. Ова е смартфон кој слободно може да го носите на плажа, на планина, па дури и во пустина и на Антарктик (функционира и со ракавици) и за кој нема да треба да се плашите дека ќе му пукне дисплејот доколку падне.

Сепак, останатите спецификации и не се така импресивни, особено ако се земе во предвид цената од 259 евра во Европа. Процесорот има само четири јадра на 1,4 GHz и е помогнат од 2 GB рам меморија и 16 GB простор, за среќа со слот за micro SD картичка. Дисплејот има големина од 5 инчи (4,99 според Samsung) и HD резолуција, која е можеби доволна за оваа големина, но многу од конкурентите во овој сегмент веќе нудат повеќе.

Батеријата исто така делува прилично мала како за смартфон кој треба да го носите со вас во дивината – има само 2.800 mAh. Единствено камерите, барем на хартија, делуваат малку подобро. Задната има 13 мегапиксели и брза f/1.9 бленда, додека предната има 5 мегапиксели и f/2.2 бленда. Оперативниот систем е Android Nougat 7.0, што е одлична вест.

Продажбата на Samsung XCover 4 ќе почне во Април и голема е веројатноста да биде достапен и на нашиот пазар.

Извор: ZDNet, Neowin, NDTV

Претходна статијаНовиот McLaren доаѓа со ротирачка инструмент табла
Следна статијаSkype за Linux сега достапен и во бета верзија, има функционалности како на останатите платформи